Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија од Скопје при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, со голема завршна конференција на која се сретнаа најдобрите експерти во областа, го заокружи двегодишниот проект кој го лоцира институтот на меѓународен план, како реномирана институција на ова поле.
Проектот започна во 2020 година и беше поддржан од програмата на Генералниот директорат на Европската цивилна заштита и операции за хуманитарна помош, DG – ECHO при Европската комисија. Во проектот покрај ИЗИИС учествуваа и Центарот за управување со кризи од Скопје, EUCENTRE од Павиа, Италија, Универзитетот Аристотел од Солун, Политехничкиот Универзитет од Тирана.
„Во овој меѓународен проект ИЗИИС беше координатор, привилегија која е реткост за македонски институции во меѓународни проекти финансирани од Европската Унија. Секако тоа носи и голема одговорност во целиот процес: од подготовка на предлог-проектот, аплицирање, преговарање, менаџирање и навремена реализација на сите планирани активности. Проектот се реализираше во периодот 2020 – 2022 г. Реномирани домашни и странски експерти од нашите области две години работеа на истражувања кои ќе имаат примена во пракса преку Центрите за управување со кризи. Ова само ќе покаже, дека научните достигнувања треба и мора да имаат примена во правец на изградба на општество отпорно на катастрофи – resilient society. Високото реноме на меѓународен план како и општествената одговорност на ИЗИИС, уште еднаш се потврдуваат на дело со овој проект на кој сме особено горди„ – истакна проф. д-р Влатко Шешов, директор на ИЗИИС.
Конференцијата имаше дводневна агенда, при што првиот ден во Скопје, во просториите на ИЗИИС врвни европски експерти говореа и за свои искуства, но и како да се постигне добра координирана регионална и меѓународна соработка, која ќе ги вклучи современите научни сознанија од областа на менаџирање ризици од природни катастрофи.
„Европскиот континент има историја на природни катастрофи: земјотреси, поплави, лизгање на земјишта, суши, екстремни температури, шумски пожари и бури кои предизвикуваат големи економски, социјални и еколошки последици и влијаат врз благосостојбата на луѓето и општеството на подолг временски период. Овие природни катастрофи, неретко го надминуваат капацитетот на една држава за управување со вонредна ситуација после природна катастрофа и ја нагласуваат потребата од меѓудржавна и регионална соработка.
Проектот CRISIS има за цел подобрување на управувањето со последиците од природни катастрофи преку изградба на усогласен и ефикасен систем за процена на ризикот на виталните објекти и транспортната инфраструктура во пограничниот регион на Македонија, Грција и Албанија.
Регионот предложен за погранична соработка всушност го претставува централниот дел од Балканскиот Полуостров кој има за жал „добра“ историја на сеизмички настани како и појави на геотехнички нестабилности поточно лизгање на земјиштето. Доказ за интензивната сеизмичка активност во овој регион се земјотресите со магнитуда поголема од шест (M > 6). Лизгањето на земјиштето во регионот е исто така хазард со добропозната историја, чија појава предизвикува сериозни штети на инфраструктурата. Наглото топење на снежните покривки, обилните и долготрајни дождови, неконтролираното сечење на шумите, земјотресите, придонесуваат кон зголемен потенцијал за појава на нестабилности кај природните косини, но и кај „вештачките“ незаштитени косини. Само во последниве неколку години сведоци сме за целосен или за делумен прекин на сообраќајот на повеќе патни правци во овој регион, токму поради појава на нестабилности на косините (лизгање на земјиште, одрони и сл.). Сеизмичкиот и геотехничкиот хазард во проектот се идентификувани како едни од клучните природни хазарди кои имаат потенцијал да предизвикаат значителни проблеми и штети во овие погранични региони и поради тоа се јавува потребата од организирање на системите на начин кој ќе овозможи ефикасно и навремено справување со ризиците на објектите од виталните сервиси (болници, училишта) и транспортната инфраструктура (мостови)„ – беа дел од заклучоците на конференцијата.
Вториот ден, учесниците беа во посета на Битола и тука реализираа средби со локалните партнери каде се презентира како проектот CRISIS обезбедува солидна основа за развој на кооперативен приод кон превенција и подготвеност во управување со катастрофи во пограничните региони на соседните земји лоцирани во регионот на Западен Балкан. Во рамките на проектот, дефиниран е сеопфатен модел на изложеност кој е заснован на идентификуваните релевантни добра поврзани со виталните објекти и транспортната инфраструктура изложени на природни хазарди релевантни за регионот од интерес. За ефективното управување со вонредни ситуации направена е и веб-платформа која ќе ги обединува природните хазарди, моделот на изложеност, како и анализата на различни сценарија на ризик. Развиената методологија и веб-платформа претставуваат солидна основа за постигнување одржливост во однос на креирање мрежа од компетентни тела и развој на планови за управување со ризикот во пограничните региони.
Постигнувањето на горенаведените резултати ќе ги промени и подобри условите под кои, во моментов, државните органи донесуваат одлуки, како на пример министерства, институции кои управуваат со кризи, здравствени власти и агенции задолжени за безбедност на транспортните системи. Тие институции во процесот на донесување одлуки ќе добијат релевантна информација за ризикот од соодветниот природен хазард и ќе ги предвидат можните загуби за да извршат оптимизација на ресурси и да дефинираат приоритетни дејства. CRISIS ќе ги обезбеди неопходните алатки за локалните и регионалните тела за оцена на ризикот поврзан со виталните сервиси и критичната инфраструктура.