Жална вест - Проф. д-р Мирослав Стојковиќ

By in
Жална вест - Проф. д-р Мирослав Стојковиќ

Проф. д-р Мирослав Стојковиќ беше пензиониран редовен професор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје (1966-2002). Дипломирал на конструктивната насока на Градежниот оддел при Техничкиот факултет во Скопје во 1963 г. Магистерските студии ги завршува во 1967 г., а докторската дисертација во 1991 г. во ИЗИИС.

Зад него стои огромна биографија со мноштво реализирани научни и стручни трудови, меѓународни и национални проекти. Низ својата стручна и научно-истражувачка работа дал значаен придонес кон истражувањето и решавањето на бројни проблеми од земјотресното инженерство и инженерската сеизмологија. Меѓу нив можат да се издвојат: стационарните карактеристики и предоминантните периоди на микротреморите, геомеханичкото моделирање на локалната градба на тлото, дефинирање на атенуацијата на сеизмичкиот интензитет врз основа на макросеизмичкото поле на случените земјотреси, критериумите за оценка на степенот на оштетувањето и употребливоста на оштетените објекти, методолошките услови на сеизмичката микрореонизација, улогата и задачите на микрореонизацијата во урбанистичкото и градежното планирање и проектирање, сеизмичкиот хазард и ризик, повредливоста на системот за снабдување со вода и превентивна заштита на сеизмички загрозените подрачја.

Во мај 2018 година, ја промовира книгата со наслов „Карактеристики на микротреморите и геотехничко моделирање на локалната градба на тлото“. Ова последно негово дело ги синтетизира достигнувањата во областа низ повеќе од 40 годишното научно и апликативно искуство и преставува исклучителен допринос во современата наука на земјотресното инженерство.

Нека му е вечна слава.