Научно-истражувачката дејност и инвестициите во истражување и развој, се важни сегменти во остварувањето на економскиот раст на државата. Искуството покажува дека раната фаза на планирање на капиталните проекти поткрепена со претходни истражувачки работи, студии и елаборати е неопходна за нивна успешна и непречена реализација, бидејќи во спротивно, секое остранување на пропустите, ќе значи дополнително време и финансиски средства, кои неминовно се одразуваат врз градежниот сектор и економијата во целост – беше дискутирано на работната посета која Љупка И. Самарџиска и Нена Николовска од Стопанската комора на Македонија ја остварија со проф.д-р Влатко Шешов, Директор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија.
Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија е научен институт специјализиран во областа на заштита на градби од сеизмички влијанија, кој преку долгогодишната соработка со Стопанската комора на Македонија претставува „мост“ помеѓу науката и реалниот сектор. Формиран во 1965 година ИЗИИС е еден од најстарите институти кој се занимава со науката за земјотресно инженерство и сеизмологијата, а кој меѓу другото е надлежен и за издавање на мислењата за проектиран и изведбен степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбите.
На средбата со претставниците на Комората беше посочено дека е потребно континуирано унапредување на соработката на реалниот сектор со научната фела и вложување во научно – истражувачка дејност што ќе придонесе за развивање на конкурентска предност на деловните субјекти, унапредување на интерните процеси и поголема додадена вредност на крајниот производ на компаниите.
Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија е реномирана научна инситутција докажана во реализацијата на научно – истражувачки проекти во земјата и во странство, која располага со стручен и висококвалификуван кадар од градежниот сектор.
м-р Нена Николовска