Динамичките карактеристики на постојните градби, особено на старите ѕидани конструкции претставуваат значаен параметар при почетокот на секоја подетална анализа на носивоста на истата. Практичните искуства покажуваат дека со методата на амбиент вибрации може брзо и едноставно, на експериментален начин да се определат динамичките карактеристики без притоа да се наруши нормалното функционирање на објектот.
Во текот на месец октомври и ноември 2021 во рамките на апликативните дејности на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија беа извршени мерења на амбиенталните вибрации на реални градби со цел да се одредат основните динамички карактеристики. Oвој пат, предмет на истражување беа црквата св. Никита на падините на Скопска Црна Гора и црквата св. Атанасиј во Прилеп. Со понатамошната обработка на резултатите ќе се определат сопствените фреквенции односно периоди на вибрации како и тоновите форми кои ќе послужат за потребите на анализите на носивост на конструкциите на градбите и валидирање на аналитичкиот модел од конечни елементи.