На 9ти и 10ти февруари во просториите на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија – ИЗИИС се одржа работилница на тема „Сеизмичка изолација, истражувања и нејзина примена“. Работилницата беше дел од програмата „ИЗИИС за СКОПЈЕ“ за одбележување на 60 години од Скопскиот земјотрес во 1963 година и истата беше поддржана од Амбасадата на Јапонија во Република Северна Македонија.
Споделени беа експериментални истражувања и искуства од имплементирани системи за сеизмичка изолација од страна на претставниците од ИЗИИС и од Јапонската асоцијација за сеизмичка изолација (JSSI). За момент се навративме и потсетивме на првиот имплементиран базно изолиран систем на градба со гумени лежишта во Европа, примерот на основното училиште Ј. Х. Песталоци во Скопје, а потоа и на бројните примери за сеизмичка изолација и контрола на конструкции кои претставуваат речиси секојдневие во современата градба во Јапонија.
Институтот изразува надеж дека домашните искуства и знаења, поткрепени со Јапонските модерни сознанија ќе придонесат за поголема и поширока имплементација на ваков тип на сеизмичка заштита кај што поголем број на градби не само во нашата држава, туку и регионот. Исто така, Институтот и учесниците се заблагодаруваат на Амбасадата на Јапонија во РСМ и на претставниците на Јапонската асоцијација за сеизмичка изолација за несебичната поддршка и споделување на најновите технологии и сознанија.