Промоција на книга од областа на геотехниката

By in ,
Промоција на книга од областа на геотехниката

На ден 04 мај 2018 година, беше промовирана книгата на почитуваниот професор Мирослав Стојковиќ со наслов „Карактеристики на микротреморите и геотехничко моделирање на локалната градба на тлото“. Книгата ги синтетизира достигнувањата во областа низ повеќе од 40 годишното научно и апликативно искуство на авторот и преставува исклучителен допринос во современата наука на земјотресното инженерство. Во иднина ова дело ќе наиде на широка примена не само за инженерите по земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, но и за инженерите по геофизика и геотехника, градежните инженери и проектантите на градежни објекти во сеизмички подрачја, како и за студентите во повеќе сродни области на последипломските студии.

kniga2

Проф. д-р Мирослав Стојковиќ е пензиониран редовен професор на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (УКИМ-ИЗИИС) при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Зад него стои огромна биографија со мноштво реализирани научни и стручни трудови, меѓународни и национални проекти. Низ својата стручна и научно-истражувачка работа дал значаен придонес кон истражувањето и решавањето на бројни проблеми од земјотресното инженерство и инженерската сеизмологија. Меѓу нив можат да се издвојат: стационарните карактеристики и предоминантните периоди на микротреморите, геомеханичкото моделирање на локалната градба на тлото, дефинирање на атенуацијата на сеизмичкиот интензитет врз основа на макросеизмичкото поле на случените земјотреси, критериумите за оценка на степенот на оштетувањето и употребливоста на оштетените објекти, методолошките услови на сеизмичката микрореонизација, улогата и задачите на микрореонизацијата во урбанистичкото и градежното планирање и проектирање, сеизмичкиот хазард и ризик, повредливоста на системот за снабдување со вода и превентивна заштита на сеизмички загрозените подрачја.

Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (УКИМ-ИЗИИС) го подржа издавањето на ова вредно дело и му благодари на проф. Стојковиќ за несебичните залагања и огромниот придонес во развојот на македонската наука.

Ова е втора книга на проф. Мирослав Стојковиќ во областа. Претходната е издадена во 2013 година со наслов „Аспекти на земјотресното инженерство“.