Ангела Попоска

Доц. д-р
Ангела Попоска


+398-2-3107-768
angela@iziis.ukim.edu.mk

Д-р Ангела Попоска е доцент на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Моментално е дел од Одделот за динамички испитувања и информатика, при што нејзина потесна научна област се експерименталните испитувања на динамички и квази-статички одговори на конструкции, како во лабораториски услови, така и на терен.

Во 2014 година дипломирала на Градежниот факултет во Скопје, насока конструктивно инженерство, а образованието го продолжува на втор цклус на студии на ИЗИИС, во областа на земјотресното инженерство. Во рамките на магистерските студии реализирала едносеместрален меѓународен студентски престој на Универзитетот во Наполи „Федерико II“, на Катедрата за инженерски и архитектонски конструкции, преку програмата Еразмус+. Во 2018 година ја стекнува титулата магистер по земјотресно инженерство, бранејќи ја тезата со наслов „Анализа на ефектот на земјотресот и ветерот како динамички оптоварувања на конструкциите“. Истата година се запишува на докторски студии, насочувајќи го своето истражување кон само-центрирачки челични системи со центрични дијагонали, со и без имплементиран систем за придушување. Во рамките на докторските студии, реализира четиримесечен истражувачки престој на Imperial College London под менторство на Prof. Ahmed Elghazouli, поддржан од British Scholarship Trust, и петмесечна истражувачка посета на Универзитетот во Патрас под менторство на Prof. Theodoros Karavasilis, поддржана од програмата Еразмус+. Во 2024 година докторира на тема „Подобрени самоцентрирачки челични рамки со дијагонали во сеизмички активни региони“ под менторство на проф. Зоран Ракиќевиќ.

Покрај учеството во апликативни проекти како што се: определување на динамички карактеристики и сеизмички одговор на конструкции, сеизмичка квалификација на неконструктивни елементи и електрична опрема, недеструктивни испитувања и слично, од 2019 година е вклучена и во повеќе научно-истражувачки проекти, меѓу кои позначајни се:

  • EMERGE – Rapid Multi-Risk Needs Evaluation and Planning Platform (2025–2027; Ref: 101193586 — EMERGE — UCPM-2024-KAPP)
  • ERIES – Engineering Research Infrastructures for European Synergies (2022–2026)
  • ISRA – Integrative Strengthening of Seismic Risk Awareness (2022–2024)
  • H2020 SERA – Seismology and Earthquake Engineering Research Infrastructure Alliance for Europe  (2017–2020; Grant No. 730900)

Во текот на нејзината научна и професионална кариера, има учествувано на европска и светска конференција, повеќе меѓународни конференции, како и на неколку специјализирани обуки во странство, меѓу кои и Performance-Based Earthquake Engineering и Seismic Isolation and Dissipation, одржани на IUSS Павиа, Италија. Како автор или ко-автор, има објавено повеќе од 40 научни трудови на национални и меѓународни конференции, како и повеќе од 50 стручни извештаи.

Добитник е на неколку стипендии, меѓу кои: ослободување од школарина за додипломски и постдипломски студии, стипендија за талентирани студенти од Владата на Република Северна Македонија, како и стипендија за престој на Imperial College London. Во 2019 година е добитник на Voya Kondic Prize за најдобро реализирано истражување во Обединетото Кралство, во рамки на British Scholarship Trust.

Д-р Попоска е член на Македонската асоцијација за земјотресно инженерство (МАЕЕ) и на Комората на овластени архитекти и инженери на Република Северна Македонија (КОАИ).