М-р Забедин Незири (1991) дипломирал на Градежниот факултет (констуктивна насока) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во 2015 година. Во учебната 2015/2016 се запишал на втор циклус – магистерски студии за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија во рамките на MEEES (Master of Earthquake Engineering and Engineering Seismology) програмата во „Universite Grenoble Alpes“ во Гренобл, Франција и „Rose School – IUSS – Instituto Universitario di Studi Superiori“ во Павиа, Италија како добитник на стипендија што ја покрива цела школарина и “Конзорциум стипендија” дадена од Институтот за напредни студии во Павиа (Scuola Superiore – IUSS – Pavia) за Еразмс Мундус програмата. Магистрирал во 2017 година во областа на земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија. Магистерската работа (истражувачки стаж) со наслов „Soil-structure spectral coincidence for Multi-Degree of Freedom, elasto-plastic buildings, a numerical study “ ја работи во „ISTerre – Institut des Sciences de la Terre“ во Гренобл, Франција под менторство на проф. д-р Pierre Yves-Bard.
Забедин Незири во моментов е надворешен стручен соработник и докторанд во Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) во Одделот за ризик, управување со катастрофи и стратешко планирање при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Неговата потесна област на истражување е инженерска сеизмологија и сеизмички хазард, поле во кое е фокусирано и докторската дисертација со предлог наслов „Современ пристап за идентификација, класификација и параметризација на сеизмичките активни раседни структури во Р.С. Македонија“. Учествувал во неколку тренинг програми и курсеви: Virtual International Training Course on „Seismology, Seismic Data Analysis, Hazard Assessment and Risk Mitigation” – GFZ (German Research Centre for Geosciences) – Потсдам, Германија (2020); Eurocodes Balkan Summer School – Seismic Design of concrete buildings организирано од Европската комисија (2021) и YSTC – The Peter Bormann Young Seismologist Training Course – Seismology for Science and Society (2021). Активен учесник е на интерни проекти меѓу кои и проектот „Eq-DAT: Надградба и модернизација на постојната ИЗИИС методологија за проценка на штети и загуби од земјотреси” (2020). Учесник е на активностите на Центарот за кариера формиран во рамките на ИЗИИС. Помошник e на интернационалниот проект „CRISIS: Comprehensive RISk assessment of basic services and transport InfraStructure” (2020). Има публикувано неколку научни трудови на национални и меѓународни конференции и неколку стручни извештаи.