Д-р. Виолета Мирчевска (Велковска) е редовен професор во Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија ИЗИИС – УКИМ каде што работи од 1983 година. Магистрирала во 1995 година и докторирала во 2002 година при ИЗИИС-УКИМ.
По докторирањето, остварува постдокторски истражувачки престој на Рур Универзитетот во Бохум, Германија, во рамките на Германската програма за академска размена ДААД – (2002-2003), на Универзитетот Беркли во Калифорнија, САД во рамките на Фулбрајт програмата (2007-2008) и на Универзитетот во Штутгард, Германија во рамкита на програмата ДААД (2010-2011). Во 2014 година, преку програмата ЕРАСМУС, остварила престој на Факултетот за градежништво и геодезија при Универзитетот во Љубљана, во улога на предавач по предметот Инженерски конструкции- брани.
Нејзината експертиза е насочена кон земјотресното инженерство, статичка и динамичка анализа на брани. Од самото вработување, а особено во рамките на магистарските, докторските и постдокторските истражувања, интензивно работи на развој на софтверот АДАД-ИЗИИС кој е специјално напишан за анализа на сите видови на брани.
Публикувала значителен број на трудови во научни журнали со импакт фактор и зборници на трудови презентирани на меѓународни конференции и има учествувано во неколку меѓународни истражувачки проекти и бројни апликативни проекти во Македонија, Бугарија, Албанија, Босна и Херцеговина и Словенија. Ревидент е на триесетина научни трудови од областа на земјотесното инженерство за публикација во истакнати научни журнали со импакт фактор.
Член е на MAAA (Македонско-американска алумни асоцијација), ДГКМ (Македонска асоциација на градежни инженери), МКОЛД (Македонски комитет за високи брани), ДГМ (Друштво за геотехника на Македонија) и била член на Наставно-координацискиот комитет во рамките на DYNET/SEEFORM ( 2012-2018).