Д-р. Горан Јекиќ е роден во 1978 година во Скопје. Дипломирал во 2005 година на Градежниот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Во академската 2006/2007 година започнал со втор циклус на интернационалните последипломски студии на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје (УКИМ-ИЗИИС). Магистрирал во 2010 година во областа на земјотресното инженерство. Во 2011 година запишал магистарски студии по Политики на справување со катастрофи – земјотресно инженерство на Националниот институт за стратегиски студии (National Graduate Institute for Policy Studies – GRIPS) во Токио, Јапонија, како корисник на стипендија од Јапонската агенција за меѓународна соработка (JICA). Магистрирал во 2012 година во областа Мониторинг на состојбата на конструкциите. Докторирал на УКИМ-ИЗИИС во 2016 година во областа Мониторинг на состојбата на конструкциите. Неговото поле на научна и стручна дејност опфаќа земјотресно инженерство, експериментални тестирања на објекти, проектирање на сеизмички отпорни објекти од високоградбата, анализа, санација и зајакнување на конструкции. Во март 2023 год. избран е за вонреден професорр на УКИМ-ИЗИИС во одделот „Конструкции на згради и материјали: проектирање, анализа и тестирање“ и врши наставна дејност на втор и трет циклус студии по Земјотресно инженерство. Предавач е на следните предмети од втор циклус студии: Динамика на конструкции; Армиранобетонски конструкции; Вовед во Матлаб и негова примена во инженерски анализи и Ѕидани конструкции. Предавач е на следните предмети од трет циклус студии: Основи на земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија, Динамика на конструкции во земјотресно инженерство, Генерални принципи за проектирање на сеизмички отпорни конструкции на згради, Напредна примена на Матлаб за решавање на инженерски проблеми, Напредна динамика на конструкции, Проектирање на сеизмички отпорни конструкции на згради и Санација и зајакнување на конструкции на згради. Од 2007 година активно учествува во повеќе апликативни и научно-истражувачки проекти. Учествувал во семинари и работилници за основните училишта за подигнување на јавната свест за заштита од земјотреси, пост-земјотресни мисии на УКИМ-ИЗИИС за оцена на употребливоста на објектите во погодени области во земјата и регионот, тренинзи, предавања, евалуација на сеизмичката сигурност на здравствени објекти и објекти од општествено значење. Објавил научни и стручни трудови на национални и меѓународни конференции, експертски извештаи, списанија и поглавја од книги. Вонр. проф. Јекиќ е еден од авторите е на рецензиран учебник „Примена на Матлаб за решавање на проблеми од конструктивно и земјотресно инженерство“ и еден од авторите на Прирачник за проектирање сеизмички отпорни згради според Еврокод 8, издаден од Комората на овластени архитекти и овластени инженери. Од октомври 2024 е именуван за раководител на одделот „Конструкции на згради и материјали: проектирање, анализа и тестирање“. Активно е вклучен во стручно-апликативната работа на УКИМ-ИЗИИС во работата на стручни комисии и работни групи при изработка на мислења за проектиран и изведбен степен за механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбите во Република Северна Македонија. Во 2017 година добитник е на признание од Друштвото на градежни конструктори на Република Северна Македонија – ДГКМ за особено достигнување во градежното конструкторство и признание за особено конструкторско остварување во областа на науката за самостоен научноистражувачки труд. Член е на Македонската асоцијација за земјотресно инженерство МАЕЕ и Комората на овластени архитекти и овластени инженери на Република Северна Македонија. Исто така бил член на работни групи за усвојување на националните анекси на Република Северна Македонија во европските стандарди за проектирање на конструкции (Еврокодови).