Студиската програма „Конструктивно инженерство со асеизмичко проектирање“ овозможува образование на кадри од областа на градежништвото во доменот на конструктивното инженерство вклучувајќи изучување на современи методи за анализа, проектирање и евалуација на конструктивните системи од влијание на вертикални и сеизмички товари, како и други специфични видови на статички и динамички товари. Во рамките на оваа студиска програма се стекнуваат знаења од широк спектар на специфични подобласти од областа на конструктивното инженерство и асеизмичкото проектирање.
Во текот на образовниот процес студентите стекнуваат знаења од областа на современи нумерички методи за анализа, експертиза, проектирање и оценка на конструкциите и инженерските објекти, како и адекватно базично образование од областа на земјотресно инженерство за објекти од типот на згради со различни конструктивни системи (армиранобетонски, челични, ѕидани, згради со мешовит конструктивен систем и др.), како и голем број сложени инженерски објекти од различни категории (мостови, брани, специјални конструкции, инфраструктурни системи и др.).
По завршувањето на студиите, студентите се оспособени за реализација на сложени проектантски задачи од областа на проектирањето и технолошкото усовршување на стабилноста и сигурноста на различните видови градежни конструктивни системи.