На 26.04.2023 год. во ООУ „Кирил Пејчиновиќ“, Кисела Вода, го започнавме реализирањето на нашиот серијал интерактивни едукативни работилници под мотото „ИЗИИС за СКОПЈЕ“ со цел зголемување на свесноста за земјотресите кај децата и младите. Поводот за одржување на овие активности е обележувањето на 60 годишнината од катастрофалниот Скопски земјотрес.
На работилницата активно учествуваа ученици од 8-мо и 9-то одделение.
Кај учениците беше поттикнат интересот за земјотресите и нивното влијание на луѓето и на објектите. Користејќи практични и едукативни алатки, тие самостојно креираа различни модели на објекти, при што, се иницираше нивната љубопитност за однесувањето на објектите во услови на земјотрес. Интерактивните методи на едукација им помогнаа самостојно да донесат заклучок и со тоа да ги препознаат генералните принципи на градење на сеизмички стабилни згради.
Овие активности го поттикнаа нивниот интерес за STEM образовниот пристап (наука, технологија, инженерство и математика), кој ги подготвува новите генерации за иднина која постојано се трансформира.
Благодарност за соработката до помошникот раководител на Сектор за образование од ОКВ г-ѓа Елизабета Јаневска, советникот за образование во кабинетот на градоначалник на ОКВ г-дин Сашо Јованоски, и претставниците од наставниот кадар од училиштето: дефектолог Велика Миленковска и директорот на училиштето м-р Борче Миревски.