Д-р. Александра Богдановиќ (1979) дипломирала на Градежниот факултет во Скопје, насока конструктивна во 2003 година. Во учебната 2004/2005 се запишала на втор циклус на интернационалните постдипломски студии на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) во рамките на SEEFORM-програмата – DAAD (German Academic Exchange Program). Магистрирала во 2006 година во област на земјотресното инжинерство со потесна област во контрола на однесување на конструкциите. Поширокото поле на интерест опфаќа земјотресно инженерство, експериментални тестирања, градежништво и анализа на конструкции, додека нејзина потесна област на истражување е контролирано однесување на конструкции, поле во кое во 2014 г. ја завршила својата докторска теза во рамките на DAAD/SEEFORM програмата. Д-р Александра Богдановиќ во моментов е вонреден професор во Институтит за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и раководи со Одделот за Динамички испитувања и информатика. Предава два предмети во рамките на магистерските и докторските студии: Анализа и проектирање на конструкции со базна изолација и системи за пасивна дисипација на енергијата; Контролирано однесување на конструкции. Од 2003 г. активно учествува во повеќе научно-истражувачки и апликативни проекти од кои како поважни можат да се истакнат FP7 SERIES проектот (2009-2013, грант бр. 227887.), FP7 Проект UREDITEME (2009-2012, грант бр. 230099), како и, заменик-асистент во WP14 во H2020 SERA проект (2017-2020, грант бр. 730900). Активно учествува и во Европскиот проект: Comprehensive RISk assessment of basic services and transport InfraStructure (CRISIS), European Union Civil Protection Mechanism Project (101004830 | UCPM-2020-PP-AG 2020-2022), PARFORCE-KA226 – Partnerships for Digital Education Readiness, ERASMUS+ 2021-2023. Регионален уредник е за Западна Европа на индексираниот журнал International Journal of Earthquake and Impact Engineering, како и уредник во ASCE Practice Periodical on Structural Design and Construction Society of Civil Engineers, USA (WoS and Scopus Indexed), Гостин уредник во Earthquake Engineering in Frontiers Open Journals, CiteScore 2.14 Scopus Indexed. Била партиципант во повеќе семинари и работилници за основните училишта за подигнување на јавната свест за заштита од земјотреси како и тренинзи, пост-земјотресните мисии и предавања. Објавила голем број научни трудови на национални и меѓународни конференции, професионални извештаи, списанија и поглавја од книги. Богдановиќ е рецензент на проекти во фондот на иновации во рамките на различни повици. Активно е вклучена во стручно-апликативната работа на УКИМ-ИЗИИС, како и во работата на стручни комисии и работни групи при изработка на мислења за проектиран и изведбен степен за механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбите во Република С. Македонија.Во 2005 добитник е на престижната награда “Инжинерски прстен” од Инжинерската Институција на Македонија, за најдобар студент на градежниот факултет во Скопје. Д-р Александра Богдановиќ е добитник на признание од Друштвото на градежни конструктори на Република С.Македонија – ДГКМ за особено достигнување во градежното конструкторство и признание за особено конструкторско остварување во областа на науката во 2015 година за самостоен научноистражувачки труд – докторската теза. Член е на Македонската асоцијација за земјотресно инженерство МАЕЕ и Европската асоцијација за земјотресно инженерство ЕАЕЕ како и Комората на овластени инженери и архитекти (КОАИ). Исто така член е и на работни групи и активности за усвојување на националните анекси за нашата земја во Европските стандарди (EUROCODES).