М-р Ана Наневска, дипл. град. инж., моментално вработена како Асистент во Институтот за Земјотресно Инженерство и Инженерска Сеизмологија-ИЗИИС, Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје, Р. С. Македонија во одделот за Инженерски конструкции и софтвер. Ги започнала своите додипломски студии во академската 2013/14 год. на Градежниот факултет во Скопје (насока: конструктивно инженерство) и дипломирала во Август 2016 год. со просечен успех од 9.41/10. Во тек на студирањето била наградувана три пати како еден од најдобрите студенти во генерацијата. Ги продолжила своите студии на магистерски студии во ИЗИИС-УКИМ во академската 2016/17 год. Во тек на студиите успешно остварила едносеместрална Еразмус+ размена на Градежниот факултет во Загреб, Хрватска. Се стекнала со звање магистер по земјотресно инженерство во Септември 2019 год. по завршување на студиите со просечен успех од 9.92/10 со теза насловена како „Влијание на филтрационите гранични услови на статичката и сеизмичката стабилност на јаловишни брани“. Од Октомври 2019 год. запишана е на Школата на докторски студии на ИЗИИС, истражувајќи ја потесната област-сеизмичка стабилност на брани. Нејзиниот професионален работен ангажман во ИЗИИС започнува во 2016 год., со запишувањето на втор циклус на студии, прво како Помлад Истражувач, а сега, од Декември 2019 год. како Асистент. Во тек на својот работен ангажман во ИЗИИС активно учествува во реализација на неколку научно-истражувачки проекти, од кои како поважни може да се истакнат Европските DG-ECHO проекти: L2BR – Learn to be Resilient (101017950 – L2BR – UCPM-2020-KN-AG), INFRANAT–Increased Resilience of Critical Infrastructure to Natural and Human-Induced Hazards (783298–INFRA-NAT–UCPM-2017-PP-AG) како и Европскиот проект CRISIS – Comprehensive RISk assessment of basic services and transport InfraStructure (101004830 — CRISIS — UCPM-2020-PP-AG) и Erasmus+ проектот PARFORCE – Partnership for virtual laboratories in civil engineering. Активно е вклучена во стручно-апликативната работа на ИЗИИС, како и во работата на стручни комисии за изработка на мислења за проектиран и изведбен степен за механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбите во Република С. Македонија. Учествувала и во изработката на инструкциски материјали за контрола на проектна документација изработена со примена на Еврокодовите. Има објавено како автор или ко-автор поголем број на трудови од областа на земјотресното инженерство, како во списанија со фактор на влијание, така и како дел од конференции со интернационален одбор. Била учесник во повеќе семинари, обуки и школи, од кои издвоени се: Eurocodes Balkan Summer School (Јули 2021 год.), организирана од Европската комисија JRC, Е-тутор тренинг (Октомври 2021 год.) во рамките на Erasmus+ проектот PARFORCE, во Баухаус Универзитетот во Германија и Третиот BIM International Summer School (Јули 2020 год.), организиран од Универзитетот во Иаси, Романија. Обучена е за техничко цртање, статичка и динамичка анализа на конструкции (згради и инженерски конструкции) во различни софтверски пакети. Обучена е за нумеричко моделирање, а активно учествува и во надградба на оригиналниот ADAD – IZIIS софтвер.