Горан Чапрагоски

Доц. д-р
Горан Чапрагоски


+398-2-3107-773
goran@iziis.ukim.edu.mk

Д-р Горан Чапрагоски, дипл. град. инж., моментално вработен како доцент во Институтот за Земјотресно Инженерство и Инженерска Сеизмологија – ИЗИИС, Универзитет Св. Кирил и Методиј во Скопје, Р. С. Македонија во одделот за згради и материјали: проектирање, анализа и тестирање. Ги започнал своите додипломски студии во академската 2008/09 год. на Градежниот факултет во Скопје (насока: конструктивно инженерство) и дипломирал во Септември 2012 година. Ги продолжил своите студии на магистерски студии во ИЗИИС-УКИМ во академската 2012/13 год. Во тек на студиите во периодот од Септември 2013 година до Февруари 2014 година успешно остварил едносеместрална Еразмус+ размена на Универзитетот Федерико II во Наполи, Италија. Се стекнал со звање магистер по земјотресно инженерство во Февруари 2016 год. по завршување на студиите со просечен успех од 9.8/10 со теза насловена како „Зајакнување на постоечки згради со иновативни градежни материјали“. Од Октомври 2016 год. запишан е на Школата на докторски студии во ИЗИИС. Се стекнал со звање доктор од областа на земјотресно инженерство во Октомври 2023 год. со докторска теза „Сеизмичка оцена и зајакнување на аб згради со користење на иновативни градежни материјали“. Неговиот професионален работен ангажман во ИЗИИС започнува во 2012 год., со запишувањето на втор циклус на студии, прво како Помлад Истражувач, а потоа, од Декември 2019 год. како Асистент. Во Февруари 2024год. е избран за доцент во Институтот за Земјотресно Инженерство и Инженерска Сеизмологија – ИЗИИС при Универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје. Во тек на својот работен ангажман во ИЗИИС активно учествува во реализација на неколку научно-истражувачки проекти, од кои како поважни може да се истакнат Билатералниот научно-истражувачки проект меѓу Република Македонија и Народна Република Кина(2018/19 год.) со наслов: Истражување на потпорни конструкции за вонредни ситуации на спасување по земјотрес,  како и Квазистатички експериментални испитувања на модели на столбови зајакнати со FRP материјали. Активно е вклучен во стручно-апликативната работа на ИЗИИС, како и во работата на стручни комисии за изработка на мислења за проектиран и изведбен степен за механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на градбите во Република С. Македонија. Учествувал и во изработката на инструкциски материјали за контрола на проектна документација изработена со примена на Еврокодовите. Неговиот професионален работен ангажман во ИЗИИС е насочен кон земјотресно инженерство, проектирање/оцена на однесувањето на конструкции, дијагностика, санација, зајакнување и реконструкција на конструкции од високоградба отпорни на земјотрес, со примена на класични и иновативни техники и материјали, процена на штети и елиминирање на последиците од природни катастрофи. Има објавено како автор или ко-автор поголем број на трудови од областа  на земјотресното инженерство, како во списанија со фактор на влијание, така и како дел од конференции со интернационален одбор. Бил учесник во повеќе семинари, обуки и школи, од кои издвоени се: Bauhaus Summer School (04ти – 16ти Август, 2019год.), Forecast Engineering: From past design to future decisions, Weimar, Germany, со наслов на курсот: Building Information Modeling (BIM) in Engineering Design, Split summer school (31ви Август -4ти Септември 2020год.) со наслов BIM for structural design, Eurocodes Balkan Summer School (Јули 2021 год.), организирана од Европската комисија JRC, како и Ph.D. Advanced Training Course: Applied and computational mathematics in engineering application (6ти – 10ти Март, 2023год.) во Авеиро, Португалија. Во моментов е член во: Македонска асоцијација за земјотресно инженерство MAEE, Европската асоцијација за земјотресно инженерство ЕАЕЕ, Друштво на градежни конструктори на Македонија ДГКМ, како и во Комората на овластени архитекти и инженери.