Како потврда на континуираната заложба за градење на сеизмички сигурно општество, ИЗИИС добива законска надлежност за вршење на контрола на објектите во фазата на проектирањето и во текот на изведба на носечката конструкција на градбата. Врз основа на овие измени во Законот за градење од крајот на 2013 година, ИЗИИС континуирано прима барања, контролира доставена проектна документација, излегува на терен, врши увид на изведени објекти, констатира дали изведените објекти се согласно доставената проектна документација и издава Мислења за проектиран и изведен степен на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита. Реализацијата на овој комплексен процес се остварува преку интегриран web базиран систем изработен од сопствени кадри , прв од ваков вид во регионот и пошироко (msz.iziis.ukim.edu.mk). Од почетокот на воведување на овој Закон до мај 2020 г., ИЗИИС има издадено над 17.000 мислења со што преставува еден од клучните чинители во контролата на националниот сеизмички ризик.