МАНДАТ

Од своето основање во 1965 година, дејностите на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) се во насока на намалување на ризиците од катастрофи односно заштитата на населението и добрата, намалување на физичките и економските штети и заштита на социо-економските системи од дејството на земјотресите, но и од другите природни опасности. Сите активности на ИЗИИС се во доменот на подготовка на системот, припрема на конзистентна легислатива, создавање на високо професионални човечки ресурси и градење на капацитети за сеизмички сигурно општество. 

Согласно стратешката ориентација и мандатот на Институтот, главните столбови на работата може да се сумираат во следните категории:

  • Научноистражувачка, образовна, применувачка, развојна и издавачка дејност во следните области:
    • Земјотресно инженерство
    • Инженерска сеизмологија
    • Проектирање на конструкции отпорни на земјотрес
    • Дијагностика, санација, зајакнување, реконструкција на постојни или оштетени од земјотрес конструкции и системи
    • Развојни, просторни и урбанистички планови за обезбедување на околина со прифатливо ниво на сеизмички ризик и посебни локациски истражувања за детално урбанистичко планирање и капитални инвестиции
    • Евалуација на ризици од појава на геотехнички хазарди
    • Динамичка отпорност на механички, електрични и други технолошки елементи и системи
    • Превенција од катастрофи поврзани со земјотреси, планирање на мерки за ублажување и подготвеност
    • Развој на програми и стратегии за градење на сеизмички отпорно општество
  • Помош на Владите и организациите во ублажување на последиците од земјотресите и процесот на закрепнување, која опфаќа процена на пост-земјотресните потреби, анализа на оштетувања, процена на физички, функционални и економски загуби и социјални ефекти, како и планирање на мерки и активности за првична реакција, обновен развој и сеизмичка заштита на регионот погоден од земјотресот.
  • Развој и подобрување на технички прописи, стандарди и процедури за проектирање преку водечка улога или учество во изработка на:
    • Студии за сеизмичко зонирање и микрозонирање
    • Развој и подобрување на сеизмички прописи за новопроектирани објекти, протоколи за санација и зајакнување на згради и инженерски објекти оштетени од земјотрес и сродни стандарди, вклучувајќи ги и Европските прописи за проектирање на сеизмички отпорни конструкции
    • Помош на градежната индустрија во доменот на сеизмички безбедно проектирање, градба, ревизија и надзор на значајни конструкции и капитални инвестиции
    • Континуирано учество, преку свои експерти од различни области, (бетонски, ѕидани, челични конструкции, геотехника, земјотресно инженерство) во работата на техничките комитети во рамките на Институтот за стандардизација со цел силна поддршка на процесот на усвојување и имплементација на Еврокодовите како национални стандарди за проектирање.
  • Лабораториски и теренски истражувања со цел дефинирање на техничка основа за намалување на сеизмичкиот ризик, а кои се однесуваат на примена и развој на експериментални методи и техники за испитување на однесувањето на објектите изложени на земјотреси, експлозии, ветер и други статички и динамички товари; теренско и лабораториско експериментално испитување на конструктивни елементи и тестови на сеизмичка виброплатформа на физички модели на конструкции и тестови на геомодели.
  • Сеизмички мониторинг и веројатносна оценка
    • Мрежа за силни земјотреси
    • Интегрирана 3D мрежа за силни земјотреси
    • Детерминистичко и веројатносно определување на сеизмички хазард, повредливост и ризик
  • Подигнување на јавната свест и зголемување на подготвеноста на населението за постапување во услови на земјотресни и други катастрофи, преку организирање на интернационални конференции, бројни обуки и работилници.