ЕЦИЛС

Дејност

Со одлука (02-211/1 од 04.02.1997 г.) на Советот на Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) и подршка од Министерството за надворешни работи, Министерството за образование и наука и Владата на Република Македонија (1220-469/2 од 28.01.1997 г.), формиран е центар во рамките на ИЗИИС под името Европски центар за повредливост на индустриски и витални системи (ЕЦИЛС) во март 1997 година (21-891/1 од 06.03.1997 г.). 

Со одлука на перманентните кореспонденти на земјите членки на EUR-OPA Major Hazard Agreement (23-34.05.1997 г., во Потенца, Италија), ЕЦИЛС е вклучен во мрежата на специјализираните евро-медитерански центри под Council of Europe’s Open Partial Agreement (OPA) за превенција и заштита од катастрофи и помош во услови на големи природни и технолошки опасности.  

Мандатот на ЕЦИЛС е во согласност со научната и развојна политика на ИЗИИС, но и со стратешките цели на EUR-OPA Major Hazard Agreement. Од своето постоење до денес ЕЦИЛС има реализирано бројни активности и проекти во доменот на урбаниот ризик и повредливост, природните и од човек предизвикани опасности, подигнување на капацитетите за подготвеност и одговор, како и бројни консултантски и стручни мисии и активности.  

ЕЦИЛС е непрофитна организација со седиште во ИЗИИС. 

Тековни проекти:

(Активности финансиски поддржани од EUR-OPA Major Hazard Agreement, реализирани во 2020 година)

Урбаните историски центри поседуваат непроценливи културни и економски вредности, но често се изложени на ризик од земјотреси поради ранливоста на нивните постари ѕидани конструкции. Овие градби, обично изградени пред донесувањето  на  сеизмички прописи, се карактеристични за цела Европа и пошироко. Реновирањата, често површни или инвазивни, можат дополнително да го загрозат нивниот конструктивен интегритет, што ја прави проценката на сеизмичкиот ризик неопходна за нивно зачувување и сигурност.

Овој проект ја адресира потребата од хармонизиран пристап при евалуацијата на сеизмичката ранливост на историските урбани центри, со фокус на градот Скопје. Врз основа на истражувањата и податоците за штети предизвикани од претходни земјотреси, проектот со хармонизирањето се адаптираат постоечките методологии за да ги одрази специфичните карактеристики на историските градби во Скопје.

Во проектот се разгледува методологијата за индекс на ранливост, која го проценува ризикот преку поедноставен систем на бодирање базиран на конструктивни  и архитектонски параметри за објектите. Овие параметри (P1 до P14) се приспособени за да ги опфатат уникатните карактеристики на историскиот урбан центар на Скопје – Старата чарпија, овозможувајќи порелевантна  евалуација на сеизмичката ранливост.

Со хармонизирање на најдобрите глобални практики со локалните потреби, проектот има за цел да го поддржи донесувањето на одлуки со приоритизирањето на објектите за кои се потребни интервенции и зачувувањето на културното наследство. Се нагласува важноста од интегрирање на сеизмичката отпорност во урбаното планирање, обезбедувајќи ја сигурноста и одржливоста на историските центри за идните генерации.

 

Full report (.docx)

(активности финансиски поддржани од EUR-OPA Major Hazard Agreement, реализирани во 2021 година)

Старата чаршија во Скопје, културно и историско богатство кое датира од XII век, долго време претставувала трговски и стопански центар во регионот на Блканот. Прогласена за културно наследство од особено значење во 2008 година, оваа област од 2011 година е предмет на ревитализација за зголемување на нејзината атрактивност како туристичка дестинација. Сепак, земјотресот во Скопје во 2016 година (М=5.1) откри значајна сеизмички ранливост кај многу од нејзините градби, истакнувајќи ја итната потреба од проценка на сеизмичката  ранливост како дел од процесот на ревитализација.

Овој проект имаше за цел да спроведе првична брза визуелна проверка (Rapid Visual Screening – RVS) на 30 репрезентативни градби во Старата чаршија, обезбедувајќи прелиминарна проценка на сеизмичкиот ризик. Методологијата, развиена во соработка со Европскиот центар за превенција и прогнозирање на земјотреси (ECPFE) во Грција, вклучува визуелна инспекција на објектите, од надвор и од внатре, и фотодокументација за секој од објектите. Во јуни 2021 година беше изработен формулар со упатство за процесот на проверка, а дозволата за инспекција беше обезбедена од Управата за заштита на културното наследство при Министерството за култура. Сепак, пандемијата на COVID-19 го одложи теренското испитување во планираниот период.

Клучното достигнување во текот на извештајниот период вклучува дефинирање на формулар за прибирање податоци за RVS, калибриран со податоци за оштетувањата за време на земјотресот во 2016 година, како и сеопфатен прирачник за нејзина примена. Овие алатки претставуваат значаен чекор напред кон систематска проценка и намалување на сеизмичкиот ризик на објектите во Старата чаршија во Скопје. Идните планови вклучуваат завршување на инспекциите, избор на репрезентативна градба за подетална анализа и валидација на предложената методологија со цел обезбедување сеизмичка отпорност и зачувување на овој историски локалитет.

Со интегрирање на националните напори и меѓународна експертиза, овој проект ја истакнува важноста од вклучување на сеизмичката сигурност во заштитата и ревитализацијата на културното наследство.

Full report (.docx)

(активности финансиски поддржани од EUR-OPA Major Hazard Agreement, реализирани во 2022/2023 година)

Оваа заедничка иницијатива помеѓу европските центри при EUR-OPA од Република Северна Македонија (ECILS) и  Република Грција (ECPFE) се фокусира на усовршување на методологиите за проценка и зголемување на сеизмичката отпорност на историски ѕидани конструкции – клучни елементи на културното наследство особено ранливи на земјотреси. Овие активности го адресираат заедничкиот предизвик на земјите во Европа за зачувување на јавните објекти, притоа обезбедувајќи нивна сеизмичка отпорност.

Активностите во рамките на првата фаза на проектот, реализирани во 2022 година, беа насочени кон првичен брз визуелен преглед  – скрининг (Rapid Visual Screening – RVS) на 31 објект долж улицата Салих Асим во Старата скопска чаршија, што претставува значаен чекор во проценката на сеизмичкиот ризик во Република Северна Македонија. При скринингот се примени калибриран метод на индекс на ранливост, со користење на формуларот за првично прибирање на податоци (First-Level Data Record Form) и прирачник развиен во рамки претходни проекти поддржани од EUR-OPA. Методологијата вклучува визуелна инспекција на внатрешноста и надворешноста на објектите, фотодокументација и пресметка на сеизмичкиот индекс на ранливост за секој од објектите, а резултираше со утврдување на ранливоста на зградите, нивно рангирање и поставување приоритети за понатамошна детална анализа.

 

Следејќи ги резултатите од првата фаза на проектот, активностите во 2023 година преминаа на следното ниво, односно во второстепена  проценка. Клучен момент беше заедничката техничка посета на историскиот град Нафплио, Грција, каде тимовите на ECILS и ECPFE ги споделија методологиите и направија споредбени анализи на три селектирани објекти. Методологијата на ECILS за второстепена проценка, која се фокусира на капацитетот на носивост и деформабилност на конструкциите, беше применета на еден селектиран објект, демонстрирајќи ја детално постапката при проценката.

Техничките посети на Битола и Охрид дополнително ја збогатија соработката, при што тимовите идентификуваа сличности во карактеристиките на објектите и дискутираа на тема  потенцијални студии на случај за следниот заеднички проект.

Клучни постигнувања во проектот  се: (1) валидација на националната методологија за првична проценка на сеизмичката ранливост со методологија која повеќе децении се применува во соседна Грција, (2) развивање на карти на сеизмичка ранливост за Старата скопска чаршија и (3) вмрежување со експерти од соседна Грција. Ова партнерство ја илустрира вредноста на прекуграничната соработка во адресирање на сеизмичките ризици за културното наследство, отворајќи пат за стандардизирани и ефективни решенија.

 Full report (.docx)

 


(активности финансиски поддржани од EUR-OPA Major Hazard Agreement, реализирани во 2023/2024 година)

Овој проект, координиран од Европскиот центар ECPFE, имаше за цел да ја зајакне соработката и дисеминација на знаења меѓу експерти, академици и носители на одлуки во областа на сеизмичката проценка и санација на заштитени историски ѕидани конструкции. Овие конструкции, кои се широко распространети и високо ранливи на земјотреси, претставуваат значаен предизвик во инженерството и зачувување на културното наследство. Оваа иницијатива имаше за цел да го претстави новиот Пропис за проценка и конструктивни иинтервенции  на ѕидани објекти (KADET) донесен во Грција во 2022 година, кој  ги утврдува критериумите за проценка на капацитетот на носивост на конструкциите, за потенцијалните  конструктивни интервенции како и потребата од повторна анализа на зајакнатите конструкции.

Првиот клучен настани во проектот беше Работилницата во Атина одржана на 13 Септември 2023 година, каде што водечки експерти,  кои всушност се дел од тимог кој го реализира KADET,  ја презентираа методологијата, обемот, основните принципи и одредени поглавја од Прописот. На тој начин учесниците добија детален увид во KADET, кој е усогласен со Еврокодовите (особено EC 8.3) но нуди подетален пристап при проценката и проекитрање на конструктивно зајакнување на историските ѕидани конструкции. На работилницата претставници од  ECILS ги споделија искуствата на Република Северна Македонија во областа на земјотресна заштита на селектирани историски објекти и споменици, презентирајќи значајни проекти и предизвиците при нивната реализација.

 

 

 

 

 

 


Следниот клучен настан беше организирањето на слична работилница, овој пат во Скопје на 23 Мај 2024 година со цел да го претстави KADET пред македонски експерти и професионалци, вклучувајќи претставници од Министерството за култура, Управата за заштита на културното наследство, Архитектонскиот и Градежниот факултет при УКИМ, како и пред бројни колеги од Конзерваторските центри во земјата. Одлична беше можноста да се проследат презентациите за новиот пропис KADET во детали,  директно од тимот кој го подготвувал; нивните презентации предизвикаа голем интерес, за што сведочи дискусијата и дијалогот што следеше. Дополнително, работилницата создаде платформа за вмрежување, поттикнувајќи ентузијазам за идни соработки и продолжувае на дијалогот.

Главните достигнувања на проектот вклучуваат поттикнување меѓународна соработка и унапредување на знаењето за методологиите за зголемување на сеизмичката отпорност на заштитените објекти. Двете работилници беа особено вредни во идентификувањето на заедничките предизвици но и за изнаоѓање на заеднички решенија, инспирирајќи ја можноста за развивање на сличен пропис во Република Северна Македонија на кој би се работело заеднички со  експерти од Република Грција.

Full report – part1 (.docx)

Full report – part2 (.docx)

Управител

Проф. д-р
Вероника Шендова

управител на ЕЦИЛС

+398-2-3107-701
+398-2-3107-727
veronika@iziis.ukim.edu.mk

Контакт

Европски центар за повредливост на индустриски и витални системи (ЕЦИЛС) 

Адреса:
Ул. Тодор Александров бр. 165,
П.Фах 101
1000 Скопје
Р. С. Македонија
Email: ecils@iziis.ukim.edu.mk
Тел: +389-2-3107-701
Факс: +389-2-3112-163