Д-р Кемал Едип е вонреден професор во Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) при Универзитетот Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Моментално е на Катедрата за геотехника и специјални објекти каде предава четири предмети во рамките на магистерски и докторски студии кои се однесуваат на динамиката на почвата и геотехничкото земјотресно инженерство. Неговото тесно поле на експертиза е нумеричка симулација на почвени медиуми што тој темелно го истражуваше во неговото докторско истражување во 2013 година како научник на DAAD и Хердер Фондацијата. Од 2005 година тој е активно вклучен во многу научни и професионални проекти, меѓу кои како учесник на Проектот CRISIS: Сеопфатна проценка на ризикот на основните услуги и транспортната инфраструктура (2021-во тек), Проект DG-ECHO: INFRANAT – Зголемена отпорност на критичната инфраструктура кон Природни и човечко-индуцирани опасности (2018-2019), SERIES – Сеизмички инженерски истражувачки инфраструктури за европски синергии 2007-2013, билатерален проект со универзитетот BOKU во Виена, Австрија – Развој на нова методологија за проценка на природни катастрофи како што е ризикот од ликвивакција (2018-2020). Во текот на својата научна и професионална кариера учествува на повеќе програми за обука и студиски престои во Павија, Италија, Научна посета во рамки на Проектот: INFRANAT (2019), програма ERASMUS на Универзитетот BOKU во Виена, Австрија (2016 година), Проект SERIES, посета на лабораторијата LNEC во Лисабон, Португалија (2011). Има објавено повеќе од 20 научни трудови на национални и меѓународни конференции, 33 стручни извештаи и 6 публикации во списанија со импакт фактор. Неговата работа опфаќа широки области во геотехничкото земјотресно инженерство, вклучувајќи конститутивно моделирање, симулации на гранични услови, лабораториски и теренски испитувања, стабилност на наклони, анализа на брани, повеќефазно моделирање итн. Бил рецензент на проекти на Фондот за иновации во рамки на различни повици. Активно е вклучен во професионално-апликативните активности на УКИМ-ИЗИИС како и во работата на стручните комисии и работни групи поврзани со елаборација на мислења за проектирани и како изградени нивоа на механичка отпорност, стабилност и сеизмичка заштита на конструкциите во Република Северна Македонија. Член е на Македонската асоцијација за земјотресно инженерство МАЕЕ, на Европската асоцијација за земјотресни инженери како и на Македонската асоцијација за геотехника. Тој е и член на експертски групи кои работат на усвојување на национални анекси за нашата земја во рамките на Еврокодовите.