ОПШТЕСТВЕНА ОДГОВОРНОСТ И ПРОМОТИВНИ АКТИВНОСТИ ЗА ПОДИГАЊЕ НА ЈАВНАТА СВЕСТ

Концептот на општествена одговорност и подигањето на јавната свест претставува императив за Институтот во текот на неговото долгогодишно постоење. Едукацијата и подигнувањето на јавната свест за опасноста и справувањето со земјотресите се вкрстени компоненти каде клучните столбови се потпираат на постоењето на заеднички пристап и взаемна соработка со многу институции во текот на изминатите години. За таа цел, ИЗИИС со своето искуство и знаење реализира и спроведува активности и обуки во рамките на основните и средните училишта во земјата како една од најважните целни категории. Бројни обуки се реализирани и за вработените во разни организации и дипломатски претставништва.

Размената на знаења и искуства, ИЗИИС во континуитет ја поддржува со организирање на национални и меѓународни конференции. Како забележани меѓународни конференции во последните 10 години, со големо меѓународно учество на истакнати и реномирани европски и светски имиња од областа би можеле да се издвојат следните:

  • 14ECEE – 14та Европска конференција за земјотресно (30.08-03.09, 2010, Охрид)
  • SE-50EEE – Меѓународна конференција по земјотресно инженерство за одбележување на 50 години од катастрофалниот земјотрес во Скопје од 1963 г.  (29-31.05.2013, Скопје)
  • IZIIS-50 – Меѓународна конференција по земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија по повод одбележување на 50 годишнината од формирањето на ИЗИИС (12-16.05.2015)

Институтот со свои тимови како експертска помош за проценка на штети после силни земјотреси учествувал во многу мисии на случени земјотреси ширум светот, придонесувајќи со својата докажана подготвеност и стручност. Во текот на постоењето на Институтот вакви експертски мисии се реализирани во поранешна Југославија (Бања Лука 1969, Црна Гора 1979, Копаоник 1980, Книн 1986), во Македонија (Гевгелија 1990, Битола 1994, Скопје 2016, Охрид 2017) но, и надвор од земјата (Алжир 1980, Мексико 1985, Ерменија 1988, Иран 1996,  Турција 1999, Пакистан 2005, Италија 2009 и 2016, Албанија 2019).