Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (ИЗИИС) како единка на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, од своето основање до денес, врши континуирана едукација на кадри од земјата и од странство во области кои се поврзани со развојот и унапредувањето на модерната технологија за контрола и намалување на сеизмичкиот ризик. ИЗИИС денес со право може да се гордее на фактот што првите магистерски студии во Република С. Македонија биле организирани и реализирани токму на ИЗИИС во 1965 год. Овие студии од ваков тип биле и први во Европа.
Денес, Институтот претставува меѓународно призната и почитувана научна институција, единствена од оваа област во регионот. Институција во која континуирано се образуваат млади научни кадри во специфични и комплексни области како што се земјотресното инженерство и инженерската сеизмологија. Овие научни области во себе интегрираат и широк спектар на инженерски подобласти, како што се конструктивното инженерство, проектирање на сеизмички сигурни и стабилни објекти (згради, мостови, брани, инфраструктурни системи, специјални објекти), специфични проблеми од геотехничкото инженерство, дефинирање на сеизмичкиот хазард, подготвеноста за справување со катастрофи предизвикани од земјотресите и сл. Студиските програми од втор и трет циклус кои се реализираат на ИЗИИС се дизајнирани врз основа на сопствено исксуство и искуствата на други универзитети во светот, посебно на земјите со развиено земјотресно инженерство и на младите научно-истражувачки кадри им нудат одговори и решенија во овие комплексни подрачја, истовремено креирајќи простор за нивно идно усовршување.
Магистерските и докторските студии на ИЗИИС се акредитирани и истите комплетно се реализираат на македонски, но и на англиски јазик.
Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија во континуитет одржува и тренинг курсеви, семинари и обуки, прилагодени за разни целни групи.