ОСНОВАЊЕ

Институтот за земјотресно инженерство и инженерска сеизмологија (првично Институт за oпшта и инженерска сеизмологија) е формиран во рамките на Универзитетот во Скопје, денешен Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ (www.ukim.edu.mk) во Скопје на 27 мај 1965 година (Одлука бр. 01-2/1) по препорака на Меѓународниот консултативен одбор, одлуките на Владата на Република Македонија и градот Скопје со поддршка од UNESCO.

Почетниот мандат на Институтот бил да ја надгледува и помогне во реконструкција и обнова на градот Скопје по катастрофалниот земјотрес од 1963 г. , да обезбеди континуирани истражувања во полето на сеизмологијата и земјотресното инженерство, да обезбеди перманентно собирање и ажурирање на сеизмолошки и други релевантни податоци и нивна имплементација во процесот на проектирање и планирање на градот, но и да овозможи редовни магистерски и докторски студии, обуки на професионалци – градежни инженери, архитекти и планери со цел унапредување на планирањето и проектирањето  со примена на најсовремени техники, методи и процедури.